Растот на македонската економија годинава ќе биде 4,6 проценти, а инфлацијата 2,4 отсто, со тенденција да се стабилизира, покажува најновиот Извештај на Светска банка.
Како што беше речено на денешната онлајн презентација, и покрај економското закрепнување се уште постојат ризици, пред се поради бавното темпо на вакцинација во земјата.
-Проекцијата за раст е 4,6 проценти во 2021 година, многу повисока од пролетните проекции. Овие позитивни изгледи и понатаму се опкружени со надолни ризици како резултат на бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и со тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат, рече директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи.
Според него, економиите на сите земји во Западен Балкан, освен на Црна Гора, до крајот на година ќе се вратат на ниво пред пандемијата.
– Регионот на Западен Балкан се опоравува по рецесијата во 2020 година предизвикана од КОВИД-19 благодарејќи на побрзо од очекуваното закрепнување во 2021 година. Изгледите во регионот значително се подобрија при што растот на БДП во 2021 година се предвидува дека ќе достигне 5,9 проценти, по падот од 3,1 проценти во 2020 година. Во 2022 година растот во регионот се предвидува да биде 4,1 проценти, додека во 2023 година се очекува да изнесува 3,8 проценти. Стапката на сиромаштија во регионот се предвидува да продолжи со надолниот тренд започнат пред пандемијата и да се намали за околу 1 процентен поен на 20,3 проценти, блиску до нивото од 2019 година, стои во Извештајот.
Укажувајќи на надолните ризици, Паолучи нагласи дека стапката на вакцинација во Западен Балкан која заостанува зад другите европски земји, може да предизвика нови рестрикции како резултат на појава на нов КОВИД бран. Од друга страна, тесниот фискален простор и големото ниво на долг и натаму владеат во регионот.
-Политичката несигурност исто така ќе го забави закрепнувањето на домашните и странските инвестиции кои му се потребни на регионот за да се зголемат потенцијалните резултати да се креираат работни места. Фокусот на политики треба да се помести на надминување на пречките за создавање работни места и економска трансформација. Недостигот на пазарна конкуренција, ограничената регионална економска интеграција и чувствителните институции се уште поочигледни како резулчтат на стресот што го наметна КОВИД-19, истакна Паолучи и поача дека економиите на Западен Балкан ќе треба да ги забрзаат своите планови за зелена транзиција.
Согласно Извештајот што подетално го презентираше Сања Маџаревиќ – Шујстер, виш економист за земјите од Западен Балкан, закрепнувањето во регионот е резултат на зајакнувањето на домашната и на надворешната побарувачка.
– Меѓутоа, закрепнувањето и понатаму е кревко. Раните знаци за предупредување кои доаѓаат од пазарот на трудот бараат повеќе внимание. Загубата на работни места од рецесијата и периодот што следуваше по неа, непропорционално ги погоди жените и младите, што може и да ги врати назад напорите на регионот за зголемување на долгорочно ниските стапки на учество во работната сила. Невработеноста на младите се зголеми на 37,7 проценти во 2021 година, што е 5,4 процентни поени повеќе од јуни 2020 година, со што уште повеќе се влошија перспективите за вработување на младите, анализира Светска банка.