Цените во продавница ќе растат и за 50 отсто, горивата ќе надминат 80 денари за литар, а Заев вели тоа е најдоброто, се истакнува во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Од лани до сега цените на млекото, месото, зејтинот, брашното и другите основни намирници во малопродажба се покачени и до 20 отсто. Животот е се поскап, а стандардот ист, дури и тоне. Заев не успеа да се справи со ниту една криза. 60.000 луѓе останаа без работа, 5.600 фирми ставија клуч на врата, а Заев потроши една милијарда тврдејќи дека ќе им помогне, а не помогна ништо. Долгот е толку голем што веќе станува прескап секој нов кредит. Заев ја втурна државата во должничка спирала, пропратена со инфлаторен вортекс кој голта се пред себе, реагираат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат Заев нема план како да ја избегне кризата која сам ја предизвика.

– Пет години имаме раст на економијата нешто над 1 отсто, буквално се тапка во место, 5 години нема инвестиции, 5 години стагнација, затоа треба да си замине и да ги остави институциите на оние што знаат да ја стават државата на вистински колосек, се вели во соопштението.