Со одлука на Генералното собрание на ОН од 1993 година, 3 мај е прогласен за Светски ден на слободата на печатот, со цел да ги потсетува владите на потребата од почитување и посветеност на слободата на медумите, но исто така и да ги поттикне новинарите на размислување за прашања за слободата на печатот и професионалната етика.

Светскиот ден на слободата на печатот е и ден на поддршка на медиумите кои се изложени на обиди за нивно укинување или ограничување на нивната слободата на изразување, но и ден на сеќавање на новинарите кои ги загубија животите во текот на својата работа.

Според последниот извештај на Репортери без граници, Македонија напредуваше за две места на Светската листа на слобода медиумите во 2020 година и со 31,67 поени се најде на 90-то место.

Репортери без граници за состојбата со слободата на медиумите во наведоа дека „високи владини претставници продолжија да им се закануваат и да ги навредуваат медиумите, а кибер-вознемирувањето и вербалните напади кон новинарите се зголемија на социјалните медиуми“. Сето ова послужи да се засили добро вкоренетата култура на неказнивост, оцени организацијата, збележувајќи и дека пандемијата, како на многу други места во светот, ја усложни работата на новинарите на терен.

– Медиумските организации силно се противеа на разните предложени амандмани за законот за аудиовизуелни медиуми кои би овозможиле државно рекламирање во медиумите. Тие се противат на ова врз основа на фактот што тоа ќе охрабри клиентелизам, стои во освртот на Репортери без граници за С. Македонија, во кој се додава дека промените во Kривичниот законик кои ги подготвува Министерството за правда би требало да донесат поголема заштита за новинарите во државата.

Закани за насилство врз новинарите во земјава, се констатирани и во годишниот извештај на Стејт департментот за почитување на човековите права, во кој се посочува дека „културата на неказнивост е добро вкоренета и се уште е пречка за безбедноста на новинарите“, како и дека „бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка практика на компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба“.

Во тој контекст во извештајот се посочува случајот со дописничката на МИА од Брисел. – Неколку дена во текот на јули, дописникчката државната новинска агенција МИА Тања Милевска во Брисел доби бројни закани за смрт и силување од анонимни корисници на Твитер и Фејсбук, се наведува во извештајот.

– Здружението на новинари на Македонија извести за 16 напади на новинари случени од јануари до октомври 2020 година и ја повика полицијата да ги расчисти случаите со изведување на одговорните пред суд. Здружението повика на промени во кривичниот закон со што ќе се осигура дека нападите на новинарите се „екс официо“ криминални дела, се нагласува во одговорот.

Во извештајот на Стејт департментот се напоменува и дека лани на 4 февруари, ССНМ „го потпиша првиот колективен договор со медиум, државната новинска агенција МИА, со кој се регулираат условите на вработените“, вклучително и гаранции за 36-часовна работна недела, платена прекувремена работа, заштита од произволно отпуштање и загарантирана слобода на изразување.

Стејт департментот посочи и дека иако медиумските известувања во земјава главно се поделени по политички линии, бројот на независни медиуми кои „активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжи да се зголемува“.

Во пресрет на денешниот 3 мај генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ и германската министерка за правда Кристина Ламбрехт вчера изразија загриженост поради нападите врз новинари и ограничувањата на слободата на печатот во многу делови на Европа, нагласувајќи дека слободата на медиумите е од клучна важност во кризни времиња.

Во заедничката изјава по повод Светскиот ден на слободата на печатот, тие потсетија дека правото на слобода на изразување е содржано во членот 10 од Европската конвенција за човекови права, на која се обврзаа сите 47 земји членки на Советот на Европа, вклучително и 27 членки на Европската Унија.

– Во демократија, новинарите играат витална улога во откривањето на вистината и повикувањето на властите на одговорност. Нивната работа е да обезбедат граѓаните навремено да добиваат точни и веродостојни информации, што е уште поважно во контекст на пандемијата на Ковид-19, наведуваат Пејчиновиќ Буриќ и Ламбрехт во заедничката изјава.

Тие потестуваат дека промовирањето на слободата на изразување низ целиот европски континент е клучна цел на Советот на Европа, со кој моментно претседава Германија, и истакнуваат дека паралелно со излегувањето од пандемијата сите влади мора заеднички да работат на зајакнување на слободата на изразување.

Светскиот ден на слободата на печатот е прогласен од страна на Генералното собрание на ОН во 1993 година по препораката усвоена на 26-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во 1991 година, врз основа на Декларацијата од Виндхук што ја подготивија група африкански новинари со апел за плурализам и независност на медиумите.

СЕММ: Од власта е потребна поддршка за слободата на медиумите, од професијата – одговорност

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по повод 3 мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, соопшти дека од власта и институциите очекува да покажат сериозна одговорност и посветеност во поддршката на медиумските права и слободи, во насока на креирање поволен амбиент за медиумите во кој што тие ќе дејствуваат без какви било ограничувања и препреки.

– Секој обид изолирано да се интервенира во медиумските политики и реформи, спротивно на заложбите на професионалната медиумска заедница, ќе го разбереме како обид за контрола и влијание и наметнување рестриктивни услови за работа на медиумите. Искуството потврдува дека најголемиот ризик за демократијата произлегува токму од медиумите што биле и остануваат под контрола на политичките центри на моќ, се наведува во соопштението на СЕММ.

Според Советот, креирањето демократски амбиент за медиумите подразбира системски чекори и координација, со целосно разбирање и адресирање на причините и факторите коишто досега влијаеле врз слободата на медиумите, бидејќи политички независните медиуми се неизоставен дел од битката за промоција на демократски вредности и стандарди на квалитетно новинарство.

– Од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности, потенцираат од СЕММ.

Советот нагласува дека пандемијата уште еднаш ги потврди предизвиците пред кои се исправени медиумите во државата, почнувајќи од недоволната безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници, па до ограничувачките услови за работа на редакциите.

– Квалитетното и инклузивно новинарство е единствениот начин за премостување на поделбите и промовирање демократски вредности и професионални новинарски стандарди. Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување, посочува Советот.

Во соопштението се додава дека и во изминатиот период статистиката на СЕММ го потврдува присуството на случаи на неетичко информирање, при што речиси 40 проценти од пријавените случаи во изминатата година се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот.

– Загрижувачки е што во 67 отсто од вкупниот број на жалби, станува збор за неточни и непроверени информаци, а во речиси 20 проценти не се прави разлика меѓу фактите и мислењата, вестите и коментарот, се нагласува во соопштението.

Советот воедно ја информира јавноста дека од неодамна почна да функционира и базата на податоци на СЕММ подготвена со поддршка од Мисија на ОБСЕ во Скопје, која овозможува пребарување на неговите одлуки за поединечни медиуми, статистика за најчестите нарушувања на Кодексот, типот на жалители, случаите решени со медијација, итн.

– Во насока на поддршка на слободата на изразување и професионалното и одговорно новинарство, СЕММ, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на почетокот на мај ќе го објави конкурсот за најдобри стории за инклузивно известување за различностите за време на пандемијата, се додава во соопштението на Советот.

Медиумските работници недоволно заштитени во првите борбени редови на пандемијата

Пандемијата на коронавирусот целосно гo промени начинот на кој живееме, од извршување на секојдневните обврски, како пазарење, средба со пријатели, начинот на работа, дури и патувањата како и други обврски за кои претходно ги извршувавме без да се грижиме дали тие ќе остават последици врз нашето здравје и здравјето на другите. За дневните случувања во светот и нашата држава во првите борбени редови се најдоа медиумските работници, кои секојдневно од терен известуваа и за сосотјбата со вирусот.

За МИА дел од нив го споделија искуството како е да се работи во услови на пандемија, кога заштитната опрема е недоволна, но есенцијален дел во борбата со вирусот и присуството на настани што се од интерес за јавноста, каде не секогаш се почитуваат протоколите, доведувајќи ги во опасност новинарите, снимателите и фоторепортерите при извршување на нивната работа.

Дали редакциите обезбедија доволно заштитна опрема предвидена за теренска работа?

Претседателот на Здружение на новинари во Македонија, Младен Чадиковски за МИА вели дека уште на почетокот на пандемијата ЗНМ изготви прирачник за заштита и безбедност при работа од коронавирусот, како и за етничко известување во услови на пандемија.

– Ние во постојана корелација со институциите правевме напори да се обезбедат начини за заштита на новинарите, односно при организирање на прес-конференции и настани. Особено во време кога почнаа парламентарните избори и кампањата за изборите, при што секогаш реагиравме кога имаше опасност од поголемо групирање или непочитување на протоколите од страна на оние што ги организираа настаните, истакна Чадиковски.

Претседателот на ЗНМ посочи дека во соработка со ОБСЕ, обезбедиле пакети со помош од средства за дезинфекција, маски, заштитни капи, очила и сè што е потребно за заштита за над 120 редакции, како и вакцинирање на медиумските работници во организација со Министерството за здравство.

– Беше предизвик, за да можеме да ги заштитиме новинарите како едни од најзагрозените на оваа борбена линија со Ковид-19, за да не се случи нешто што секако не би сакале да се случи, таа пандемија да се префрли и во новинарскиот свет, во делови успеавме, во делови, како што, нели рековме и не успеавме, сподели Чадиковски.

Новинарот Борис Куноски од МИА изјави дека уште на почетокот на пандемијата Агенцијата обезбеди маски, скафандери, ракавици, меѓутоа, паралелно и ги распредели новинарите за работа од дома, но и од редакција.

– Како што се развиваше пандемијата, поголемиот дел редакции, како што се дескот, англиска и албанска редакција, работеа од дома, освен внатрешна во која репортерите беа присутни на терен на сите настани. Со тек на време, пандемијата како се намалуваше, вработените се враќаа, меѓутоа, се користеа заштитните средства, се почитуваа мерките, а и се зголеми продукцијата на МИА, која беше на волја на вработените, раскажува Куноски.

Додава дека и покрај тоа, МИА не наишла на одговор другата страна, која што требала да го награди тоа, напротив, МИА се соочи со кратење на буџетот во два наврати и покрај тоа што некои медиуми, добиле од вториот пакет средства, како што кажа, МИА не учествувала во истиот.

Околу почитувањето на мерките при организација на настани на кои што присуствувал, Куноски сподели дека во дел од институциите се почитувале, меѓутоа, во дел, помеѓу кои е и судското известување, сподели дека се случувало и да не се почитуваат, односно немало физичка можност за тоа, со што посочи дека би било добро кога институциите во вакви случаи би користеле алтернативни дигитални можности.

Тамара Грнчаровска новинар во Телевизија Телма вели дека имало различни ситуации, кога имало поголеми турканици, кога колеги не ги носеле своите маски и не се чувствувала многу безбедно.

– Јас лично се грижам секогаш да носам заштитна маска и ги опоменувам тие околу мене дека така треба. Никогаш не може човек да се чувствува комплетно безбедно кога има повеќе луѓе околу него и кога знаеме дека се ова се пренесува многу лесно, додава Грнчаровска.

Александар Динев, новинар во Сител Телевизија за МИА изјави дека не се чувствувал целосно заштитено, поради тоа што го покрива здравствениот сектор и често морал да известува од здравствени установи, каде разговара со медицински лица во време на пандемија.

Дали се почитуваа протоколите на секојдневните настани?

Во изјави за МИА новинарите ги посочија протестите како настани на кои не се почитува протоколот, демонстрантите не носат заштитна опрема и толпата луѓе е поголема од дозволеното, како и настаните што се одржуваат во мали и несоодветни просотрии за поголема група на луѓе.

– Неколку пати сум известувала од протести што не биле толку масовни, меѓутоа имало значителен број на присутни граѓани и јас како новинар сум била сред демонстрантите или сред другите колеги новинари и камермани со кои сме биле во многу тесни и мали простории, каде не се почитувала дистанцата од два метри, вели Вјолца Алити од Телевизија Алсат.

Марина Тунева од Совет за етика во медиумите посочи дека се забележани бројни слабости, а новинарите продолжуваат да бидат изложени на ризици имајќи ги предвид последиците од вирусот.

Менче Атанасова Точи од Телевизија 24 за МИА вели дека заштитата не треба да се подразбира само при одење на терен.

– Заштитата е и во редакција каде што во една просторија сме 30 луѓе, така што мислам дека никој за време на пандемијата не се запраша како им е на новинарите и како да го овозможат известувањето во безбедни услови. Многу од нашите колеги се разболеа и ја прележаа болеста, вели Атанасова Точи.

Дел од вработените во медиумите за жал ја загубија битката со вирусот, а на дел од нив остави последици по здравјето. Сепак, како одговорни за информирање на јавноста за секојдневните случувања новинарите, камерманите и фоторепортерите остануваат да ја извршат својата работа и да ги пренесат информациите и случувањата во текот на денот. Во различни услови, без целосна заштита и присуствување на настани каде протоколите се само на хартија медиумските работници остануваат да работат во првите борбени редови на пандемијата.

Кристина Ивановска

Ангела Рајчевска

Видео: Аслан Вишко