Во Охрид денеска и утре ќе се одржува гастрономско-едукативен настан во организација на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, во соработка со македонската асоцијација на шефови на кујни Гастромак и Општина Охрид.
Овој настан, како што најавија од Факултет за туризам и угостителство – Охрид, на локалната гастрономска сцена ги носи познатите имиња од светската и балканската гастрономија како Изток Легат (Словенија), Уве Мишел (Германија), Стево Карапанџа, Драгица Лукин (Хрватска), Дон Давид (Русија), Вуко Митровиќ (Црна Гора), Жељко Невен Бремец (Хрватска), Хамид Хаџиќ (БиХ) и Асан Даутовиќ (Македонија).
Тие ќе одржат теоретски и мотивациони предавања за студентите и пошироката јавност.
Утре, шефовите Драгица Лукин и Жељко Невен Бремец ќе одржат целодневен мастер клас во кујната на факултетот, каде што ќе демонстрираат техники за подготовка на слаткарски специјалитети и традиционални јадења од јагнешко месо.
Фото: Факултет за туризам и угостителство – Охрид