Во оманскиот град Куријат неодамна е регистрирана највисоката ноќна температура во историјата, кога се измерени 42,6 степени Целзиусови.
Податокот е од 26 јуни, а станува збор за највисока температура во период од 24 часа во Куријат, кој има 50.000 жители.
И претходниот таков температурен рекорд е забележан во Оман, на аеродромот во Касаб, 600 километри од Куријат, во близина на границата со Обединетите Арапски Емирати.
Метеорологот на Си-Ен-Ен, Брендон Милер изјави дека причина за тоа се неколку фактори. Куријат и Касаб се наоѓаат во Оманскиот залив, каде температурата на водата редовно достигнува 30 степени.
Кога ќе се соединат високите температури од Арапскиот Полуостров и топлиот влажен воздух од Оманскиот залив се добива екстремно висок топлотен индекс и исклучително високи температури во текот на ноќта, бидејќи воздухот ноќе не може да се разлади поради влажноста, објаснува Милер.