Американски и ирански претставници соопштија дека постигнале договор за прекинување на конфликтот, за укинување на американската блокада против Иран и за повторно отворање на Ормуската Теснина – потег што може да доведе до пониски цени на енергенсите откако ќе се обноват испораките на нафта преку клучниот поморски пат.
Францускиот претседател Емануел Макрон го поздрави постигнатиот напредок.
– Го поздравувам договорот постигнат меѓу САД и Иран – резултат на дипломатски напори во кои придонесоа неколку партнери. Повикувам на негово брзо и целосно применување од страна на сите учесници во конфликтот. Овој договор треба да овозможи итно и безусловно отворање на Ормуската Теснина , за што меѓународната мисија, воспоставена заедно со Велика Британија, е подготвена да помогне – изјави Макрон, кој исто така повика и на воспоставување „цврст и траен прекин на огнот“ во Либан.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати честитки за дипломатскиот пробив.
– Го поздравувам договорот меѓу САД и Иран и им честитам на претседателот Трамп и на иранската страна за овој дипломатски пробив. Тој може да го отвори патот кон обновување на глобалната економија и кон побезбеден Близок Исток. Важно е да се применува одлучно – истакна Мерц.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го поздрави договорот меѓу САД и Иран за прекин на непријателствата, дефинирајќи го како „можност за мир што мора да се искористи“, пренесе АНСА.
– Исто така, заедно со Франција, Германија и Обединетото Кралство, ја изразуваме нашата силна поддршка за меморандумот за разбирање што малку порано го потпишаа САД и Иран – рече Мелони. Таа потсети дека потпишала заедничка декларација со лидерите на трите европски земји.
Таа им се заблагодари на посредниците кои придонесоа за договорот, посочувајќи ја улогата на Катар и Пакистан.
– Ова е можност за мир, која треба да се искористи. Италија, како и во минатото, е подготвена да го поддржи дипломатскиот процес за да се постигне сеопфатен договор – рече таа.
Во заедничката декларација Италија, Велика Британија, Франција и Германија истакнаа дека од суштинско значење е брзото обновување на пловидбата низ Ормуската Теснина со безусловна и неограничена слобода. Четирите земји ја изјавуваат својата подготвеност да придонесат за ова преку строго одбранлива и независна мисија за заштита на трговскиот превоз и операциите за чистење мини. Во исто време, четирите страни наведуваат дека се подготвени да укинат дел од санкциите доколку Техеран преземе јасни чекори во однос на својата нуклеарна програма.
Јапонската премиерка Санае Такаичи изрази силна надеж за иднината на регионот, потенцирајќи дека очекува слободната и безбедна пловидба низ Ормускиот Проток да биде практично гарантирана и дека конечно договорот за иранското нуклеарно прашање и за останатите теми ќе биде постигнат што е можно поскоро.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе се придружи кон поздравите.
– Австралиската влада го поздравува договорот меѓу Соединетите Држави и Иран. Австралија одамна повикува на деескалација и на крај на конфликтот, вклучително и во Либан – наведе Албанезе.
Министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс го оцени договорот како клучен и конструктивен чекор кон намалување на тензиите и кон промовирање на стабилноста во регион од суштинско значење за глобалната економска безбедност.
„Египет го поздравува постигнатиот договор меѓу САД и Иран и смета дека тоа е исклучително важен чекор кој ќе придонесе за враќање на безбедноста и стабилноста како на регионален така и на меѓународен план“ – се вели во соопштението на египетското Министерство за надворешни работи.
Позицијата ја потврдува цврстата поддршка на Египет за мирни решенија и решавање на споровите преку дипломатски канали и ги нотира напорите на земјата во координација и соработка со регионалните и меѓународните партнери за ставање крај на конфликтот и за отворање на нова страница која ќе ја промовира безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток и решавање на други регионални прашања.
Каиро изразува надеж дека по завршувањето на конфликтот меѓу САД и Иран, меѓународното внимание повторно ќе биде насочено кон трагичната ситуација со која се соочи палестинскиот народ во Појасот Газа и на Западниот Брег и дека ќе започне имплементацијата на втората фаза од мировниот план на претседателот на САД, Доналд Трамп.
фото: архива




