Челзи ја продолжи победничката серија на европските екипи во финалињата на Светското клупско првенство и со саботниот триумф над бразилски Палмеирас 2-1 (1-1,0-0) го освои единствениот трофеј што му недостасуваше во клупските витрини.
До својот дебитантски трофеј во натпреварувањето во организација на ФИФА, фудбалерите на Челзи дојдоа по продолжение во финалето во Абу Даби, во кое поразот на јужноамериканскиот шампион доведе до инциденти во Сао Паоло и убиство на еден навивач.
Челзи поведе со голот на Ромелу Лукаку во 55 минута, а откако натпреварот во продолжение го однесе Рафаел Веига со прецизен удар од белата точка (64 м), Каи Хаверц се запиша во листата на стрелци во 117. минута за голема радост на премиерлигашот од Лондон.
За Челзи ова беше второ финале на Светското клупско првенство, по премиерата во 2012 година кога загуби од бразилски Коринтијанс со 1:0.
Тоа, воедно, беше и последен пат победник на европската Лига на шампиони да загуби финален натпревар. Пехарот оттогаш Реал Мадрид го освои четири пати, Баерн Минхен два пати, а по еднаш Барселона, Ливерпул и Челзи.
Навивачите на Палмеирас финалето го следеа на големи екрани поставени пред клупскиот стадион во Сао Паоло, а полицијата соопшти дека во оружен инцидент е убиен еден маж, затворски чувар, кој за време на инцидентот не бил на должност.
– Дојде до физичка пресметка меѓу навивачите што предизвика немири и еден маж беше застрелан, соопшти полицијата.
Локалните медиуми јавија денеска дека интервентната полиција користела солзавец и гумени куршуми за да ја растера толпата, при што приведено е едно лице.