Данското претседателство со ЕУ, во втората половина на 2025 година, треба да одржува рамнотежа меѓу геополитичката волја и принципот на заслуги на земјите кандидати за членство во Унијата, сметаат експертите од Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност (СВП).
Документот составен по експертската дискусија на институтот за претседавањето на Данска со ЕУ и проширувањето на ЕУ на Западен Балкан укажува на прашања на кои треба да се даде приоритет и дава препораки фокусирани на политиките од кои директно ќе има корист локалното население во регионот.
Како што пренесува Бета, се истакнува дека по руската агресија врз Украина, Данска во 2023 година за прв пат конкретно го спомена Западен Балкан во својата стратегија за национална надворешна и безбедносна политика и дури нагласи дека мора активно да се ангажира во помагањето на земјите од регионот да се подготват за членство во ЕУ.
Во овој контекст, се наведува во документот „Западен Балкан, проширувањето и данското претседателство со ЕУ 2025“ создаден по тркалезната маса одржана во март, се поставува прашањето за политичките области на кои Данска треба да се фокусира за време на претседавањето со Советот на ЕУ. Сепак, се нагласува дека мора да се одржи рамнотежа меѓу геополитичката волја за проширување и принципот на заслуги во однос на исполнувањето на правните текови на ЕУ.
Се оценува дека во последните десет години проширувањето не беше исклучиво пристап заснован на заслуги и оти последицата од тоа е дека неколкугодишните проевропски реформи, на пр. во Албанија и Северна Македонија, не беа доволно наградени, додека на демократското назадување во Србија и Република Српска не беше доволно одговорено.
– Следствено на тоа, трансформативниот ефект од проширувањето е опиплив само ако ЕУ се перципира како сигурен и кредибилен актер, активно заинтересиран за проширување, се наведува и предупредува дека во годините кога Унијата не се перципира како таков партнер, незападниот актери, вклучувајќи ги Русија и Кина, би можеле да ги прошират своите политички и економски интереси на Западен Балкан.
Со оглед на сето ова, експертското биро на СВП, организација со седиште во Берлин, даде пет препораки кои се фокусираат на политиките од кои директно ќе има корист локалното население во регионот.
Првата препорака се однесува на залагање за вклучување на Западен Балкан во Единствената европска платежна област (СЕПА), што е и дел од Планот за раст на Европската комисија за регионот.
Како што е објаснето, еврото е веќе „валута на избор“ во регионот и официјална валута на Црна Гора и Косово, трговијата со ЕУ покрива 66 отсто од трговијата во регионот, а 12 милијарди евра дознаки од оние што живеат во ЕУ се водечки извор на приход во Западен Балкан.
Втората препорака се однесува на изградба на интерконектори и надградба на мрежата како дел од Зелениот договор на ЕУ.
Се наведува дека Западен Балкан, според податоците на Европската агенција за животна средина, бележи најголем процент на смртни случаи во Европа поради загадениот воздух што можеше да се спречи, главно поради употребата на застарени електрани на јаглен и лигнит.
Исто така, развојот на сончевата и ветерната енергија во регионот ќе придонесе за значително намалување на зависноста од Русија, особено во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Се предлага и испраќање експерти од земјите членки на ЕУ во Западен Балкан, што е практика што активно ја спроведува Унгарија. Тие експерти се распоредуваат во кабинети, МНР итн. за да советуваат при подготовка на поглавја и кластери.
Се проценува дека оваа практика треба да се продолжи и оти данското претседавање со ЕУ би можело да биде вистинско време да се почне ваква програма во данското Министерство за надворешни работи, можеби со фокус на поглавјата 23 и 24 за владеење на правото.
Понатаму се наведува дека билатералните алатки за решавање спорови треба да се зајакнат одделно од правните текови. Се посочува дека билатералните спорови меѓу земјите од Западен Балкан и меѓу членките на ЕУ и одделни земји од регионот во минатото го попречувале проширувањето и укажувале на ограничувањата на проширувањето како алатка за решавање на споровите.
– Билатералните спорови не смеат да продолжат да доминираат во правните текови со блокирање на примената на процесот заснован на заслуги. Важно е да се премине од „ветократски“ процес на проширување кон повеќе бирократски, се наведува во документот.
Последната препорака се однесува на видлива комуникациска стратегија која овозможува директно поврзување со локалните медиуми. Се нагласува дека секој напредок во однос на правото на ЕУ треба да биде придружен со проактивна комуникациска стратегија од страна на ЕУ и амбасадите на членките во регионот.
– Фокусот на комуникација директно со и преку локалните медиуми може да помогне во борбата против дезинформациите и да ги направи локалните лидери поодговорни за потенцијалниот недостиг на напредок“ на патот кон ЕУ, се заклучува документот чија авторка е Маргит Вунш Гарман.