Светот не е подготвен за глобална пандемија што, доколку се случи, може да усмрти до 80 милиони луѓе за 36 часа и да го „збрише“ глобалниот бруто домашен производ (БДП) за пет проценти, предупреди Светската здравствена организација (СЗО) .
Брзо ширење на некој респираторен патоген може да биде закана за голем дел од светската популација и потенцијално да убие милиони луѓе и да ја загрози целата планета, се посочува во првиот извештај на КОмитетот на СЗО за надзор на глобалната подготвеност.
„Доколку избувне пандемија, како што беше шпанскиот грип во 1918 година, последиците би биле околу 3.000 милијарди американски долари или пет проценти од светскиот БДП“, според проценката на Светската банка.
„Во случај на таква зараза, денес, кога светското население е четири пати поголемо и кога на кое било место во светот се стига за 36 часа, ќе умрат меѓу 50 и 80 милиони луѓе. Освен високата смртност, ваквата пандемија ќе предизвика паника, дестабилизација на национална безбедност и тешко ќе ја погоди глобалната економија и трговијата“, се вели во извештајот.
„Глобална пандемија во тој обем би била катастрофална, создавајќи широко распространето опустошување, нестабилност и несигурност. Светот е неподготвен”, оцени СЗО.
Во извештајот се повикува на создавање систем за ефикасно откривање и контрола на појава на болести како дел од проактивно дејствување за воспоставување глобална подготвеност.
„Предолго сме сведоци на циклус на паника и занемарување кога станува збор за пандемии – ги интензивираме напорите кога постои сериозна закана, а потоа брзо забораваме на нив кога ќе исчезне заканата. Времето за конкретни активности одамна мина”, предупредуваат научниците.
Во извештајот се препорачуваат седум превентивни активности, вклучително и: посветеност и инвестиции на шефовите на владите за решавање на проблемот, регионалните организации да предничат како пример, силен систем на подготвеност во секоја земја, зголемување на ресурсите и финансиските стимулации и зајакнување на системот за координација на Обединетите нации во оваа област, пренесува Танјуг. Земјите со лоша инфраструктура и здравствен систем се со најголем ризик од големи загуби од пандемијата, но ранливи се и сите други земји, се додава во извештајот.
СЗО посочува дека унапредувањето на науката и технологијата овозможило унапредување на јавното здравство, но во исто време и претставува ризик, бидејќи има потенцијал за вештачко создавање микроорганизми во лабораториите, што може да предизвика епидемија ако намерно бидат пуштено во светот.