Низ целиот свет, со предупредување за важноста за одржување на здравјето на срцето, здравствените работници го одбележуваат 29 септември како Светски ден на срцето, а оваа година се слави на глобално ниво под слоганот „Биди херој на твоето срце“.
Според Светската здравствена организација, околу 17,9 милиони луѓе во светот годишно умираат од срцеви заболувања, а се проценува дека до 2030 година ќе има околу 23 милиони смртни случаи. Тоа е повеќе отколку смрт предизвикана од ХИВ, маларија или карцином.
СЗО посочува и предупредува дека дури 80 проценти од предвремените смртни случаи од срцеви заболувања можат да се избегнат со неколку едноставни промени во секојдневниот живот, како што се здрава исхрана, физичка активност и прекин на пушењето, редовна контрола на крвниот притисок и холестерол, со регулирање на телесната тежина и избегнување хроничен стрес.
На иницијатива на Светската организација за кардиологија, секоја година на 29 септември се слави Светскиот ден на срцето. Таа е водечка светска организација за подигање на свеста за кардиоваскуларни заболувања, вклучително и срцеви заболувања и мозочен удар.
Светската здравствена организација, во генералните препораки за физичка активност за возрасни во периодот од 18 до 64 години, препорачува два до три пати неделно кардио тренинг и фитнес двапати неделно.