Според извештајот што го објави Канцеларијата на Светската здравствена Организација за Европа, се повеќе адолесценти се соочуваат со проблеми со менталното здравје.

Извештајот е резултат на обемна анализа на голем број податоци за физичкото и менталното здравје и социјалните односи на група од 227.441 деца на возраст од 11, 13 и 15 години од 45 земји и укажува на тоа дека нивото на менталното здравје на адолесценти е намалено во многу земји, во период од 2014 година и 2018 година.

– Се поголем број момчиња и девојчиња во европскиот регион имаат проблеми со менталното здравје и се чувствуваат депресивни, нервозни или раздразливи, затоа сите сме загрижени , истакна регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Тој додаде на младите треба да им се обезбеди лесен пристап до здравствена заштита, што ќе ги задоволува нивните потреби, а тоа ќе донесе здравствени, социјални и економски придобивки за адолесцентите, кои утре ќе бидат возрасни, но и за идните генерации.

Според извештајот, проблемите со ментално здравје кај адолесцентите се зголемуваат во текот на растењето, а девојчињата се изложени на поголем ризик од момчињата, соопшти  Канцеларијата на СЗО за Европа.

– Една четвртина од адолесцентите се чувствуваат нервозни и раздразливи или имаат проблеми со спиењето барем еднаш неделно, а значајни разлики се откриени меѓу државите кога станува збор за адолесцентното ментално здравје, што доведува до заклучок дека културните и економските причини може да играат улога, како и специфични политики спроведени во земјите опфатени со извештајот.
Во околу една третина од испитаните земји, адолесцентите истакнаа дека училишните обврски се извор на притисок за нив, а бројот на млади кои изјавиле дека го сакаат училиштето е помал отколку во 2014 година, се наведува во извештајот.

Кога станува збор за зголемената употреба на дигиталните технологии – што имаат своја позитивна страна, откриено е дека тие исто така можат да ги направат адолесцентите поранливи и да ги изложат на нови форми на опасност, како што е компјутерскиот напад, каде девојките се несразмерно поранливи.

Според извештајот, нешто повеќе од десет проценти од анкетираните адолесценти изјавиле дека се соочиле со злоупотреба преку интернет барем еднаш во претходните два месеци.

Во извештајот се посочуваат и проблеми како што се ризично сексуално однесување, консумирање алкохол и тутун, недоволна физичка активност, како и лошиот начин на исхрна како последица на прекумерна тежина и дебелината.

Извештајот се заснова на резултатите од студии од 2017 година и 2018 година, така што кога во иднина ќе се спроведат такви студии, резултатите ќе бидат и референтна точка за утврдување на влијанието врз менталното здравје на адолесцентите на тековната пандемија на новиот коронавирус, се посочува во извештајот на СЗО.