Речиси 1,8 милијарди возрасни луѓе ширум светот се изложени на опасност од болести, како што се рак, срцев и мозочен удар, поради недоволна физичка активност, а оваа состојба и натаму се влошува. Според ново истражување на Светската здравствена организација (СЗО), параметарот за недостаток на физичка активност на светско ниво се зголемил за пет отсто меѓу 2010 и 2022 година.
– Новите откритија ја истакнуваат пропуштената можност за намалување на опасноста од рак и срцеви заболувања и подобрување на психичката благосостојба, ако физичката активност е помала. Мораме да ја обновиме нашата посветеност за зголемување на нивото физичка активност и да ѝ дадеме приоритет, решителност во зајакнување на политиките и поголемо финансирање, за да ја промениме оваа загрижувачка насока, истакна генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Речиси една третина (31 насто) од постарите возрасни лица ширум светот не вежбаат доволно, во споредба со 24 отсто во 2000 година и 26 отсто во 2010 година.
– Физичката неактивност е тивка закана за глобалното здравје којашто значително ги влошува хроничните болести. Доколку физичката активност стане подостапна и попријатна за сите, може значително да ја намалиме опасноста од незаразни болести и да создадеме поздраво и попродуктивно општество, рече Ригер Крех, директор на Одделот за поттикнување на здравјето на СЗО.
Панајота Митру, директор за истражување, политика и иновации во Светскиот фонд за истражување на ракот, го опиша извештајот како „повик за будење до светот“ дека треба повеќе да се направи за луѓето да бидат поактивни.
– Владите треба да признаат дека физичката активност е исклучително важна за менталното и физичкото здравје, а тука спаѓа и спречувањето неколку видови рак и помагањето во тоа луѓето да одржат здрава тежина, додаде таа.
Научниот труд, објавен во списанието „Лансет“ (Lancet), покажува дека недостатокот на вежбање го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес тип 2, деменција и рак. СЗО препорачува возрасните да прават 150 минути умерени или 75 минути енергични физички вежби неделно.
Примери за умерена физичка активност се: брзо одење, домашните работи, возење велосипед со брзина од 16 – 19 км/ч. Примери за интензивна физичка активност: трчање со повеќе од 10 км/ч, копање во дворот, брз велосипед, фудбал, кошарка и тенис.
ФОТО: Фликр