Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека доколку Европската Унија ја „продолжи изолацијата на Косово“, Приштина ќе ја разгледа можноста за институционални дејствија или референдум за обединувањето на Косово со Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Ова можеме да го направиме или преку резолуции во собранијата на нашите две држави или преку референдуми во Косово и во Албанија, секогаш вклучувајќи ги и Прешево, Медвеѓа и Бујановац, изјави Тачи во синоќешното интервју за ТВ Дукаѓини.
Според него, идејата за „корекција на историските неправди“, односно за припојување кон Косово на Прешевската Долина, регионот со мнозинско Албанско население во јужна Србија, „никогаш не била по сензибилизирана отколку што е сега“.