Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави дека собирот во Берлин повторно покажал колку е слаба ЕУ и поделена во однос на дијалогот Белград-Приштина и поради тоа улогата на САД во тој процес треба да биде одлучувачка и историска.

Тачи истакна дека улогата на САД била одлучувачка во случаите за носење на Дејтонскиот договор, Договорот од Рамбуе, Охридскиот договор и Договорот во Кончул, па така нема да има ни договор со Белград без „активна и водечка улога на САД“.

Во интервјуто за Радио Слободна Европа Тачи потенцира дека и натаму е против размена на територии, но е за припојување на Прешевската долина кон Косово. На прашањето дали на тој начин му се остава простор на Белград за возврат да бара припојување на северот на Косово, Тачи вели дека трите општини од југот на Србија сами можат да се борат да бидат дел од територијата на Република Косово.