Обединетата албанска опозиција, предводена од Демократската партија (ПД) на Љуљзим Баша ја презентираше Платформата за слободни и фер избори, каде главна цел е формирање преодна влада на Албанија.

Опозицијата предвидува десет обврски на преодната Влада, меѓу кои  нулта толеранција на политичките и криминалните структури вклучени во продажба на гласови, заплашување на гласачите и манипулација со изборите, забрана на било каков притисок за попречување на истрагата за соработката помеѓу организираниот криминал и власта за манипулација со изборите, забрана за набавки, понуди, концесии, лиценци, услуги и други злоупотреби со државните ресурси.

– Владата и Рама се флагрантни прекршители на законот со цел да манипулираат со изборите. Затоа избори без опозиција нема да има, избори без опозиција се фарса. Слободните избори ќе има само откако крадците од 2017 година ќе бидат казнети и Рама ќе замине. Неговото заминување го отвора патот за дијалог со Социјалистичката партија и сите партии со преодната влада, порача Баша.

Тој и овој пат не ги поштеди албанскиот премиер Еди Рама и неговата Влада од тешки обвинувања, наведувајќи низа, според него, скандали во кои е вмешана Владата, поради кои „многу одамна требало да си замине“.