Факт е дека две третини од Македонците ја подржуваат Русија, се гледа тоа многу јасно. Среќа за оваа држава, а посебно за Албанците што имаме една партија како СДСМ која собра храброст и политичка храброст да решава овие децениски прашања, проблеми, посебно во однос на Албанците. СДСМ ги губи изборите од националистичките сили во државава.
Ова синоќа го изјави претседателот на ДПА и коалиционен партнер на СДСМ, Мендух Тачи во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ 21. Тој додаде „се надевам сега разбирате колку беше значајно членството во НАТО. Тачи истакна дека „членството во НАТО било стратешка цел на Албанците и воопшто на оваа држава и не смее да се релативизира зачленувањето во Алијансата“.
– Посебно сега, по украинската војна јасно се гледа дека тоа членство ја спаси државата, а посебно Албанците. Да ве потсетам што рече поранешниот премиер на Грција (Алексис) Ципрас неодамна: „Вие ме соборивте од власт заради тоа што го решив проблемот со Македонија, но да не го направев тоа сега Русија ќе беше на нашите граници“, изјави Тачи.
Тачи истакна дека навредливата формулација од „20 отсто“ (за Албанците з.н.) мора да се промени.
Зборувајќи за резултатите од пописот и реакциите кои следеа од сите страни Тачи рече дека конечно треба да дојде до помирување помеѓу двете најголеми заедници во државата, Македонците и Албанците.
Албанците се толку колку што се, ако постојано некои негираа дека тие се под 25% сега тоа се бетонираше, но има уште нешто што конечно треба да се промени. Формулацијата од „20%“ е навредлива, Албанците не се бројка или процент, тие се народ и тоа така треба да се формулира, јазикот кој го говорат повеќе од 20% во државата, а не е македонскиот е албански и тоа така треба да стои“, вели Тачи.