Косовскиот претседател Хашим Тачи порача дека блокадата на патиштата против посетата на претседателот на Србија Александар Вучиќ не придонесува за односите меѓу двете земји и го повика месното население да покаже „минимум човечка култура“, јави МИА од Приштина.

– Како претседател на Косово, целосно ја разбирам реакцијата на граѓаните на Дреница, кои го изразија својот оправдан револт против една ваква посета. Ова покажува дека раните и болките од војната се уште се свежи. Сепак, во време кога правиме напори за мир и помирување, протестите и блокадите на патиштата воопшто не помагаат, напиша Тачи на Фејсбук.

Косовскиот претседател додаде и дека го разбира разочарувањето на жителите од српска националност на селото Бање поради неможноста српскиот претседател да ги посети.

– Сите треба да се воздржиме и да покажеме минимум човечка култура на разбирање и човечка комуникација. Ние треба да знаеме да се издигнеме над себе, над бројните рани и болки. Треба да го направиме тоа во полза на мирот и помирувањето, напиша Тачи.

Ветераните на Ослободителната војска на Косово од регионот на Дреница организираа протести со блокади на патиштата за да го спречат Вучиќ да го посети селото Бање.

Тие порачаа дека на ниту еден српски политичар не смее да му се дозволи да стапне на косовска територија се додека не побара извинување за злосторствата што Србија ги стори врз косовскиот народ во 90-тите години, а посебно во војната од 1998-99 година.

По протестите, на кои, според српските медиуми, имало бројни вооружени лица, косовската Влада му ја повлече дозволата на Вучиќ да ја посети Дреница.

Српскиот претседател се обиде да стаса во Бање по заобиколен пат, но беше спречен од косовската полиција, по што се врати во Северна Митровица, каде што ќе ја заврши дводневната посета на Косово.

Според агендата, Вучиќ ќе го напушти Косово преку граничниот премин Јариње во 13 часот.