Претседателот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи на прес-конференција изјави дека постои индивидуална одговорност за големиот број на заразени со коронавирусот, посочувајќи дека досега постојано укажувале за ваквите постапки.

– Мислам дека неодговорноста на Бујар Османи и на поранешното и сегашното раководство на Исламска верска заедница кои направија огромен притисок за да се отворат џамиите за Бајрам, се главните виновници за оваа ситуацијата. Не можеме да ги прифатиме квалификациите оти Албанците се познати во Македонија кои не ги почитуваат правилата на институциите во врска со пандемијата затоа што имаме статистика и конкретни цифри кои укажуваат дека ние Албанците со заедно со другите граѓани успеавме 90 дена да се бориме многу убаво со пандемијата. Тие што сакаат да печалат политички поени, а и сегашната Исламска верска заедница материјални добивки, за тоа што правеа огромен притисок треба да се чувствуваат сега одговорни. Тие се единствените одговорни за оваа ситуација, рече Мендух Тачи.

Апелираше и понатаму да се почитуваат правилата за спречување на ширење на коронавирусот.

– Иако правила кои се такви не се баш добро прифатливи и знаеме дека е тешко да се останува дома повеќе од 48 часа, но нема друг начин.  Се надевам дека следната недела ќе излеземе од оваа ситуација и тогаш ќе објавиме новиот економски проект на ДПА за време на пандемијата и по пандемијата, рече Тачи.

Одговарајќи на новинарско прашање Тачи рече дека со изборот на новиот премиер на Косово, Хоти, се надминува тамошната политичка криза.

Со тоа има надеж дека во јули со главниот преговарачки процес со Србија да се затвори проблемот со помош на САД и тоа многу ќе помогне на регионот во интегративниот процес кон ЕУ, истакна Тачи кој прогнозираше и апсолутно добри односи на Македонија и Косово со Хоти како премиер.