Болниците се празни и така треба и да останат, порача денеска генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски во своето обраќање на Фејсбук.

– Здравствените работници и сите ние заеднички ја водиме оваа борба против коронавирусот, министерот Филипче и здравствените власти уверуваат дека ситуацијата не е толку вознемирувачка, но мораме да останеме крајно внимателни и крајно одговорни, 90 проценти од новозаразените се асимптоматски, кај членови на едно семејство од 10 позитивни само еден е со симптоми, објави Николовски.

Тој истакна дека сега е време за поголема одговорност на сите во однос на почитување на мерките и задолженијата, но дека е потребна и постогра контрола.

– После долго време живеење со полициски час, пред извесно време добивме известување дека медицинските експерти препорачуваат олабавување на мерките. И сите бевме радосни. Очигледно постојат делови од општеството и луѓе кои мислат дека сето ова е некаква шега. Дека може слободно да си играат со сопственото и туѓото здравје. Па сите имаме родители. Сите имаме мајки, роднини и блиски кои се во години. Нели им се стега срцето при помислата дека можеби ним нема да им е ама баш ништо, но дека нивен родител може животот да го загуби од овој исклучително проблематичен вирус, вели Николовски.

Тој упати на тоа дека токму таквите треба да станат одговорни, да се знае што се мерки, што е закон и тој закон да биде еднаков за сите.