Поранешната главна преговарачка во дијалогот меѓу Белград и Приштина и екс-косовска вице-премиерка Едита Тахири изјави дека албанскиот премиер Еди Рама и претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, се вовлечени во опасни сценарија за промена на границите.
Гостувајќи во емисија на тиранската телевизија Ора њуз, Тахири рече дека границите на Косово се недопирливи.
– Ние, се боревме и за демократски систем. Претседателот не може да биде сопственик на косовската земја. Добро би било Тачи и Рама сега да се повлечат. Господинот Рама има уставна обврска, бидејќи Албанија ја призна независноста на Косово, но има и национална обврска. Што се однесува до Тачи, му кажавме дека е погрешно и оти ќе дојде време кога ќе го сфати тоа. Само взаемното признавање меѓу Косово и Србија како држави во сегашните граници носи мир во регионот, оцени Тахири.
Таа ја поздрави одлуката на албанскиот претседател Илир Мета за непотпшувањето на уредбата за именување на Косовецот Гент Цакај за албански министер за Европа и надворешни работи, бидејќи на тој начин,според неа, го искажал ставот против промена на границте.
– Го поздравувам визионерскиот став на претседателот Мета, како јасен став против промена на границите меѓу Косово и Србија. Непотпшувањето на уредбата за Цакај е во духот на одбрана на Косово. Рама самиот се вовлече во овие опасни сценарија заедно со Тачи и Вучиќ, изјави Тахири.
Таа оцени и дека со смената на досегашниот шеф на албанската дипломатија Дитмир Бушати, кој се изјасни против промена на границите, се потврдило дека Рама носи послушни и штетни луѓе, па дури ги користи и луѓето од Косово.