Тајфунот Лан денеска го погоди јужниот дел на јапонската префектура Вакајама, а поради силниот ветер и дождот наредена е евакуација на 240.000 луѓе. Откажани се речиси 900 летови, а десетици илјади домови останаа без електрична енергија.

Во градот Нара во централна Јапонија, неколку лица се полесно повредени во силниот ветер. Тајфунот Лан го погоди јужниот дел на префектурата Вакајама, околу 400 километри југозападно од Токио, носејќи обилни дождови во поголемиот дел од централна и западна Јапонија.

Властите издадоа предупредувања за поплави и лизгање на земјиштето и соопштија дека формирале центри за евакуација во 11 префектури. Тајфунот и силниот дожд доведоа и до затворање на одредени патишта и прекинување на десетици железнички линии.

Тајфунот Лан доаѓа неколку дена откако тајфунот Канун ја погоди Јапонија. Без електрична енергија останаа речиси 90.000 домаќинства во централна и западна Јапонија. Тајфунот Лан достигна брзина од 150 километри на час и се предвидува утре да стигне до Јапонското Море, а потоа да се движи кон север.