Моќниот тајфун Мангкут денеска ја погоди јужната кинеска покраина Гуангдунг, откако беснееше на Филипини, носејќи со себе силни ветрови и дожд, поради што најмалку 64 лица го загубија животот, но се стравува и дека уште десетици лица се затрупани под земјата од многуте свлечишта кои ги предизвика тајфунот.
Над 2,4 милиони лица денеска се евакуирани од Гуангдунга, каде дуваат ветрови со брзина од 162 километри на час.
Властите во јужниот дел на Кина издадоа црвено предупредување бидејќи Националниот метеоролошки центар соопшти дека регионот ќе се соочи со „сериозен тест, предизвикан од ветер и дожд“ и ги повика претставниците да го подготват населението за можна катастрофа.
Откажани се стотици летови, брзите возови не сообраќаат, а прекинат е и нормалниот железнички сообраќај на некои места.
ТАСС јави дека најмалку 111 лица денеска побарале лекарска помош во болниците на Хонгконг бидејќи тајфунот помина на 100 километри од тој регион.
– Во најсилните налети, ветерот достигна брзина од 189 километри на час, соборувајќи скелиња, дрва и сообраќајни знаци, јавија локалните медиуми.
Објавено е предупредување од експертите дека се очекува оти Мангкут ќе биде најсилниот тајфун што го погодил тој град во изминатите децении.
Новото на морето пораснало до 3,5 метри на некои места, брановите ги прекриваат патиштата и ифрлаат живи риби, а водата зафатила и некои населби и трговски центри во источниот дел на Хонгконг.