Затвореници денеска ја запалија кантината на еден затвор во североисточен Тајланд, а неколкумина избегаа за време на немирите предизвикани од гласините за епидемијата на коронавирусот, изјави висок функционер од Министерството за правда на земјата.

Според локалните медиуми, над затворот во провинцијата Бурирам, во кој се сместени околу 2.000 затвореници, се забележува голем облак од чад.

Тајландските медиуми пренесуваат и дека пет лица се повредени.

Претставник на затворот изјави дека полицијата морала да употреби сила, откако повеќе од стотина затвореници почнале протест.

– Мала група затвореници претходно оваа недела добија доживотна казна затвор, по што пуштија гласини дека објектот не е безбеден поради вирусот Ковид-19, изјави претставникот на затворот.

Министерството за здравство претходно соопшти дека двајца затвореници во една установа се заразени со коронавирус.

Владата на Тајланд ги забрани посетите во затворите од 18 март за да се спречи ширењето на вирусот.