Американските разузнавачи се сомневаат во можна украинска контраофанзива, бидејќи веруваат дека таа може да постигне само „скромни територијални напредоци“, се вели во доверлив документ што беше обелоденет во јавноста, објави денеска Вашингтон пост.

Документот беше објавен заедно со многу други доверливи документи објавени од Њујорк Тајмс во четвртокот.

Еден од нив се однесува на состојбата на конфликтот во Украина на почетокот на март, други зборуваат за ситуацијата на одредени фронтови, како што е Бахмут, или за клучната противвоздушна одбрана на Киев. Оваа пролет се очекува голема украинска контраофанзива.

Украина уверува дека формирала јуришни бригади и складирала муниција, барајќи истовремено да ги поштеди своите војници и да ги исцрпи противничките сили на линијата на фронтот, пред најавената офанзива. Доби и тенкови и артилерија со долг дострел од Запад.

Но, цврстата одбрана на Русија и „упорните украински недостатоци во собирот на војници и резервите за обука и муниција веројатно сериозно ќе го тестираат секој напредок и ќе ги зголемат загубите во офанзивата“, се вели во доверливиот документ, според Вашингтон пост.

Покрај тоа, во друг објавен документ се наведува дека египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси наредил производство на 40.000 ракети да и бидат доставени на Русија, барајќи од властите да го чуваат во тајност „за да се избегнат проблеми со Западот“, пишува весникот во друга статија. .

Но, САД ја демантираа оваа информација, прецизирајќи дека „нема индикации дека е спроведен таков проект“, според висок американски функционер.

„Египет е близок партнер и ние редовно се ангажираме со неговите лидери за широк спектар регионални и глобални прашања“, рече високиот функционер.

Фотографии од бројни доверливи документи беа објавени во последните денови на Twitter, Telegram, Discord и други платформи, од кои некои кружат на интернет со недели пред да привлечат медиумско внимание.

Пентагон оцени дека протекувањето на овие документи е „многу висок“ ризик за американската национална безбедност. Многу од овие документи повеќе не се достапни и американските власти работат на отстранување на сите од Интернет.