Заменската министерка во Министерството за информатичко општество и администрација, Невена Стаменковска Стојковски, денеска обелодени како се рушеа „историските рекорди“ во вработување на власта во заминување: за само 2 месеца се распишани огласи за вработување на 4.131 лице во јавната администрација и државните претпријатија.
Стаменковска рече дека фрапантно е тоа што овие огласи се распишани по 6 ноември 2019 година, кога се обзнани дека ќе се формира техничка влада и ќе има предвремени избори.
Таа вели дека голем дел од огласите биле за вработувања во институции каде администрацијата е пренатрупана или, пак, во државни фирми каде едвај се обезбедуваат пари за плата за вработените.
Заменската министерка вели дека ќе ги преиспита сите огласи и ќе ја провери нивната оправданост, особено за оние работни места каде платата се движи помеѓу 40.000 и 60.000 денари.
Доколку се утврди каква било неправилност, Стаменковска ќе побара поништување на огласите.
Во изминатиов период многу често се лицитираше со бројот на новоотворени работни места, а партиите на власт и државните функционери ја убедуваа јавноста дека тие се најмногу во реалниот сектор.