Собранискиот спикер Талат Џафери не се согласи со предлогот на првиот човек на ДУИ Али Ахмети Блерим Беџети од групата на незадоволните да го замени Артан Груби на партиската позиција организациски секретар и Изет Меџити, Арбер Адеми, Арбана Пашоли да бидат назначени за потпретседатели. Исто така Џафери побарал гостиварскиот огранок да добие потпретседателско место, но со неговиот предлог не се согласил новиот член на надзорниот совет на партијата Муса Џафери, по што спикерот во знак на револт и незадоволство прв ја напушти салата каде што се одржуваше состанокот.
На денешниот вонреден состанок централниот совет на партијата донесе одредени измени во партиското раководство па така, за потпретседатели на партијата беа избрани пратеникот Изет Меџити, кој исто како и Блерим Беџети припаѓаше во групата која бараше промени во раководството на партијата, пратеничката Арбана Пашоли, директорот на „Македонски енергетски ресурси” Бајрам Реџепи, а единствено од стариот состав позицијата ја задржа координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми.
На местото на Артан Груби, организациски секретар на партијата, доаѓа Блерим Беџети, актуелен градоначалник на Сарај, кој во текот на изминатите недели бараше промени во партијата на интегративците.
По завршувањето на состанокот, портпаролот на ДУИ Бујар Османи порача дека другите партии треба да учат од ДУИ како се прави демократија, токму поради фактот што партијата има лидер што може да ја одржи партијата жива, динамична и да ја адаптира на современите околности и има внатрешен капацитет да различните погледи ги става во функција на една синергична активност на партијата за да добие поддршка на избори.