Молневитото талибанско освојување на Авганистан и особено на главниот град Кабул, и уште побрзото, речиси без никаков отпор, преземање на лостовите на власта, е шок за сите западни демократии  и влади. Овој воен „блиц криг“ во земјата во која 20 години Западот, пред се ,САД, вложуваа милијарди и милијарди долари во опрема, техника, персонал и поинаков изглед и развој, за повеќемина западни лидери, медиуми и аналитилари, е најголемото фијаско во историјата на САД и НАТО. Некои медиуми дури оценуваат дека е ова триумф на тероризмот врз западните вредности.

Земјата веќе два дена е комплетно во рацете на талибанците, освен аеродромот во Кабул, каде преостанатите американски војници се обидуваат да го обезбедат повлекувањето на дипломатите и да воспостават каков таков ред во хаосот што од вчера рано утрината го предизвикаа илјадниците Авганистанци, кои сакаат да побегнат од земјата. Откако илјадници Авганистанци трчаа по авионите по пистата, Пентагон донесе одлука за привремено затворање на кабулскиот аеродром.  Притоа имаше и загинати, што од истрели на американските војници кон вооружени лица на пистата и околу авионите, што од пад од височина, бидејќи голем дел од нив се обидуваа да заминат обесени на надворешноста на авионите.

Талибанците засега најавуваат дека нема да има одмазада кон ниту еден Авганистанец кој работел за странските војски или бил дел од администрацијата или безбедносните служби на прозападната Влада во Кабул. Заменик шефот на талибанската политичка канцеларија во катарската престолнина Доха, Абдул Салам Ханафи, за авганистанската телевизија „Аријана њуз“ изјавил дека сите државни службеници, и мажи и жени, можат да се вратат на своите работни места .

-Талибанците се обидуваат да го отворат патот за коалициска влада и сите Авганистанци ќе бидат вклучени. Ниту еден Авганистанец не треба да се плаши од некој што работел со претходната влада. Ние ќе и служиме на нашата земја. Без разлика дали станува збор за цивилниот или воениот сектор, никој нема да ги загуби своите привилегии, вети Ханафи.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, меѓутоа, вчера го повика Советот за безбедност да ги искористи сите средства што ги има на располагање за да се избори против „глобалната терористичка закана во Авганистан“ и да гарантира почитување на основните човекови права во таа земја.

-Добиваме страшни извештаи за сериозни ограничувања на човековите права низ целата земја, рече Гутереш, обраќајќи им се на земјите-членки на Советот за безбедност на ОН.

Тој нагласи дека е особено загрижен за извештајот за зголеменото кршење на човековите права на жените и девојките во Авганистан.

Освен Советот за безбедност на ОН, што во моментов заседава на барање на Естонија и Норвешка, за непредвидливоста на ситуацијата во Авганистан, денеска ќе расправаат и шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ, на онлајн средба во Брисел.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Јосеп Борел изјави дека на денешната средба ќе биде дадена само „првичната проценка“ и додаде дека Авганистан во моментов се наоѓа „на крстопат“, пренесува бриселски Политико.

-Во прашање е безбедноста и благосостојбата на граѓаните на Авганистан, како и меѓународната безбедност, рече Борел.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера телефонски разговараа за ситуацијата во Авганистан, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Во телефонскиот разговор  двајцата дипломати се согласиле да продолжат консултациите со Кина, Пакистан и Обединетите нации, пренесуваат британските медиуми.

Западните земји допрва ќе ја градат својата заедничка позиција во однос на ситуацијата во Авганистан.  „Стратегијата за градење на односите со радикалното талибанско движење треба да се разработи на меѓународно ниво, ако е тоа воопшто можно“, изјави вчера за време на брифинг портпаролот на германската Влада, Штефен Зајберт.

Тој пред новинарите кажа дека треба да се разговара за формата на идниот дијалог, дали воопшто е можен таков дијалог и под кои услови.

Претседателот Џо Бајден и натаму ја брани својата одлука за повлекување на американската војска од Авганистан, и посочува дека хаосот што се случува по заземањето на власта од страна на талибанците не е „најлошото сценарио“,  изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на Бајден. 

-Всушност, сметам дека најлошото сценарио за САД би било околности во кои ние ќе додаваме назад илјадници и илјадници војници да се борат и да умрат во граѓанска војна во Авганистан кога авганистанската армија не е спремна да се бори, истакна тој 

Тоа било алтернативниот избор со кој Бајден се соочил. 

-Ако останавме плус уште една, или уште две години, или уште пет години или уште 10 години, никаква добро спроведена воена обука или квалитетна опрема или потрошени пари или изгубени животи на САД не можеше да ја стави авганистанската армија во позиција да може да ја оддржува таа земја самостојно, истакна Саливан.