Талибанските бунтовници ја зазедоа главната радио станица во Кандахар денеска и ја преименуваа во Глас на шеријатот. Во видеото објавено од групата, неименуван бунтовник објави преземање и рече дека радио станицата ќе се користи за емитување вести и читање на Коранот. Музика повеќе нема да смее да се пушта, јавија американски медиуми.
Талибанците зазедоа четири провинциски главни градови во Авганистан, вклучувајќи го и клучниот град Лашкар Гах во провинцијата Хелманд. Бунтовниците во последните денови зазеле половина од 34 провинциски главни градови во државата, вклучувајќи ги и вториот и третиот по големина град, Херат и Кандахар.
Растат стравувањата дека нападот врз главниот град Кабул може да биде само за неколку дена. Бунтовниците го зазедоа Пул-е-Алам, главен град на провинцијата Логар, што се наоѓа на само 80 километри од Кабул.
Во меѓувреме, првите сили за извлекување пристигнаа во Кабул додека САД ги интензивираат летовите за евакуација на американски дипломати и илјадници Авганистанци.
Во услови на брутална офанзива на талибанците, Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека речиси 250.000 Авганистанци ги напуштиле своите домови од крајот на мај поради стравувањата дека талибанците повторно ќе го наметнат нивното строго и безмилосно толкување на исламот, јавија американски медиуми. Осумдесет проценти од раселените се жени и деца.