Талибанците се подготвуваат денеска да ја објават својата влада. Претставник на движењето, Ахмадула Мутаки, напиша на социјалните мрежи дека се подготвува церемонија во претседателската палата во Кабул.
Се очекува главниот водач на талибанците, Хаибатулах Ахунџада да има неограничена моќ над новиот управен совет. Под него во хиерархијата се очекува да има претседател.
Но, во новата влада нема да има жени на министерските функции. Претставникот на радикалното движење Забихула Муџахид во интервју за весникот „Ла Република“ рече дека во Авганистан нема да има министерки, но дека тие ќе можеле „да работат во министерства, полиција или во судскиот систем како помошници“.
Тој, исто така потврди дека талибанците ќе формираат влада на национално единство наскоро.
Според Ал Џезира, во новата влада нема да има претставници на претходната администрација во земјата.