Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги откаже мировните преговори со претставниците на Талибанците во „Камп Дејвид“ ќе доведе само до нови загуби на американски животи, предупреди денеска портпаролот на Талибанците Забихула Муџахид.
– Американците ќе претрпат поголеми загуби од кој било друг заради откажување на преговорите, рече Муџахид.
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ја откажал денешната тајна средба, која требаше да се одржи со Талибанците и авганистанските власти во Кемп Дејвид.
Тој на Твитер напиша дека состанокот е откажан поради нападот на Талибанците во четвртокот во Кабул, во кој загинаа 11 лица, меѓу кои и еден американски војник.
Трамп изјави дека ги „откажал мировните преговори“, прашувајќи се кој би „убил толку многу луѓе за навидум да ја зацврсти својата позиција“ во преговорите. Тој додаде дека ако Талибанците не можат да го почитуваат прекинот на огнот за време на преговорите, тогаш „тие веројатно немаат моќ“ да преговараат за мировен договор.
Нападот се случи во време кога САД и Талибанците се надеваа дека ќе бидат близу до постигнување мировен договор.