Дамаск денеска ги осуди заедничките американско-турски патроли во погранично подрачје во североисточна Сирија, нарекувајќи го грубо кршење на суверенитетот на земјата.

Сириското Министерство за надворешни работи соопшти дека овие патроли претставуваат кршење на територијалниот интегритет на Сирија.

Турските и американските сили ја спроведоа првата заедничка патрола во североисточна Сирија како дел од планот за воспоставување на таканаречена безбедносна зона во тој проблематичен регион. Најмалку 10 турски оклопни возила биле забележани во градот Тал Абиад, откако пристигнале во Сирија, каде им се придружиле на американските возила, додека над нив летале најмалку два хеликоптера.

Турското Министерство за одбрана го потврди почетокот на заедничките патроли со САД.

Турција, која инсистираше на создавање безбедносна зона, се надева дека ќе ги задржи сириските Курди надвор од својата граница. Анкара ги смета сириските Курди за закана, но тие се американски сојузници во борбата против терористичката „Исламска држава“.