Делегација на Политичкото биро на талибанците за време на консултации во Москва со специјалниот пратеник на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов увери дека нема да ги нарушат границите на земјите во Централна Азија. Ова се наведува во соопштението објавено од руското Министерство за надворешни работи.

„Од талибанците се добиени уверувања дека групата нема да ги наруши границите на државите од Централна Азија, како и гаранции за безбедноста на странските дипломатски и конзуларни претставништва во Авганистан“, се вели во соопштението.

Одделно, беше потенцирана цврстата решеност на групата да се бори против заканата од ИД во Авганистан и да го искорени производството на дрога во земјата по завршувањето на граѓанската војна, соопшти Министерството.