Првиот министер за здравство во инсталираната Влада на Зоран Заев, сегашниот гостиварски градоначалник, др. Арбен Таравари од АА, вечерва во „24 Анализа“ посочи дека загрижувачка е ситуацијата со бројката на новозаразените од Ковид-19 и процентот на новозаразени кој секојдневно расте.
-Да не говориме за морталитетот, некој вели па апсолутни цифри кажувате. Еве да не збориме за апсолутни цифри, да збориме за починати на милион жители, Македонија е апсолутен шампион во регионот. Ние сме први со околу 400 веќе на милион жители, после нас е Косово со 320-30 на милион жители. После е Босна некаде со 200, многу помалку од нас, и да не збориме Хрватска, Грција, Србија, сите да ги соберете заедно доаѓа колку Македонија, нагласи Таравари.
Таравари додаде дека процентите на смртноста во Македонија се доста високи дури и загрижувачки во однос на другите држави во регионот. Смета дека изборната кампања беше каписла за зголемувањето на бројот на новозаразени, како и свадбите, забавите и собирањата. Тој смета дека мора да се работи, но и да се придржуваме кон протколите. Според Таравари, Комисијата за заразни болести нема стратегија и протоколи како да се третираат пациентите со ковид-19.
„Јас да сум на место на министерот би се преиспитал и би ја викнал таа Комисија за заразни болести и би ја прашал за овие индикатори кои што објективизираат одредена ситуација“, истакна Таравари.
Таравари додаде дека би требало министерот Комисијата за заразни болести треба да ја праша зошто има толкав морталитет во државата од КОВИД-19. Зошто бројот на инфицирани случаеви на милион граѓани Македонија е толку напред пред другите држави во регионот. Што е работата, каде е пропустот?
„Јас мислам дека и предлозите што ги даваат за рестрикции, не ги дава министерот, туку ги дава Комисијата за заразни болести. Јас искрено мислам дека одамна сум го кажал тоа пред три – четири месеци дека треба да ја смени таа Комисија.“, нагласи Таравари.
Таравари посочи дека Македонија е мала земја и дека има врвни епидемиолози кои ќе ја сработат работата многу подобро отколку членовите во актуелната Комисија.