Актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари ја објави својата кандидатура за претседател на државата.

Тој порача дека дошло времето државата да има претседател Албанец.

– Не технички туку вистински, порача Таравари.

Кандидатурата за претседател на државата на Таравари ќе биде поднесена со потписи на граѓани, бидејќи, како што кажа, немаат доволно пратеници за поддршка.

– Мораме со потписи бидејќи немаме доволен број на пратеници. Се надевам наскоро, кога ќе започнат и законските рокови и за ден-два да ги собереме потребните десет илјади потписи, рече Таравари на прес-конференција.

Запрашан за тоа каква кампања ќе води и што очекува од противкандидатите, тој напомена дека европска кампања е единствена алтернатива за земјава.

-Ние влеговме во оваа трка и подготвени сме да се соочуваме со сите противкандидати. Почит кон секој што ќе се кандидира. Верувам дека ќе имаме европска кампања. Да го кажеме тоа за што се обврзуваме сите веќе подолг период. Несомнено дека единствена алтернатива за Северна Македонија е европскиот пат. Правиме политичката трка и кој ќе победи ќе си честитаме еден на друг друг, рече Таравари на новинарско прашање за противкандидатите.

 

Тој напомена нема да биде носител на листа за кандидати за пратеници иако и тоа му било понудено на последниот состанок од коалицијата на опозицискиот албански блок на партии. Таравари смета дека ќе влезе во вториот круг на претседателските избори.

– Не можам да бидам и кандидат за претседател и носител на листата. Да бидам искрен Биљал Касами од Беса беше коректен во преговорите и понуди да избереме што сакаме, како и сите други партии од нашата коалиција. Заедно анализиравме и донесовме заклучок дека сепак многу ни е поважен 24 април, кога ние сигурно ќе одиме во вториот круг на претседателските избори, рече Арбен Таравари.

Околу наредните чекори за предизборните коалицирања и договори, Таравари посочи дека има партнери со коишто веќе во сабота ќе постигнат конечен договор и како што потенцира, ќе извојуваат долгоочекувана промена во албанскиот политички блок.

Кандидатурата на Таравари е предлог на Претседателството на АА, а има поддршка од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ (ЕСП). На објавата на кандидатурата Таравери, меѓу другото наведе дека е „ дојде време државава да има претседател Албанец, не технички, туку вистински“. Имаме можност, посочи, диверзитетот во нашата земја да го претвориме во уметност на соживот и хармонија.