Лидерот на Алијанса за Албанците и актуелен Градоначалник на Општина Гостивар, Арбен Таравари станал сопственик на голем имот за неверојатно ниска сума од 150 475 евра, објавува АЛФА.
На социјалните мрежи се појави информацијата за куќа од 261 м2 која се наоѓа во Општина Карпош во главниот град , а истата како недвижен имот е запишана и во анкетниот лист на Таравари. Она што отвора сомнеж за вистинитоста на податоците наведени во анкетниот лист е ниската цена на куќата , со оглед на тоа дека во овој дел од Скопје најниските цени за квадрат на стан е 1400 евра, а за куќа дури и повеќе.
Во објавата која се појави на Твитер, се прашува Дали е реална цената, кога и од кого Таравари ја купил куќата?
Според имотните листови објавени на сајтот на ДКСК, Таравари најверојатно ја стекнал куќата од кога станал градоначалник, бидејќи оваа недвижнина ја нема во анкетниот лист кој го пријавил кога бил Министер за здравство. На директните прашања кои се упатени до Таравари, тој за сега не се произнесе .
Дополнително, во неговиот анкетен лист како градоначалинк го нема станот на сопругата кој бил пријавен во анкетниот лист додека тој беше Министер за здравство. Дополнително, пријавено е возило на име на неговата сопруга Цитроен Ц4 од 2009 година во вредност од 184.200 денари.
Таравари не е единствениот политичар за кој има јавни сомнежи за стекнатиот,. односно скриен имот. Аларм за такво нешто има и за првиот човек на ДУИ, Али Ахмети за кого неговиот внук и потпретседател на БЕСА , Фатмир Лимани објави видео во кое се покажува луксузен имот кој вклучува куќи, објекти , парцели и луксузен возен парк. За него Лимани трвди дека било сопственост на Ахмети. Но ова го нема во неговиот анкетен лист. Ахмети само пријавиле дека поседува едно земјиште во Албанија, една куќа во село Зајас и заштеда во банка од околу 760 илјади денари. Од приваеното изгледа се вози во автомобилот на неговата сопруга, на чие име пријавил автомобил Фолксваген Поло од 2010 година кое чини 7.000 евра .