Албанскиот јазик не треба да стои како проценти во Уставот туку како еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата, а сега е вистинскиот момент да се направи тоа, изјави градоначалникот на општина Гостивар и лидер на владината Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во интервју за Гласот на Америка во Вашингтон.
– Видете, де факто и де јуре албанскиот јазик е јазик кој што се користи секојдневно во Македонија во сите институции. Целата филозофија која што ја дебатираме сега е дали ќе стои албански или ќе стои бројка дваесет проценти. Ние сметаме дека ова е момент кога нашите сограѓани Македонци и нивните претставници политичките партии ќе видат дека е стварно моментот да ја тргнеме таа бројка, вели Таравари.
Тој додава дека зад тоа барање стојат апсолутно сите партии на Албанците во Македонија, и дека не гледа поголема пречка за тоа од СДСМ и од ВМРО.
– Меѓутоа и меѓу нас кога зборуваме, па дури и претседателот на државата пред неколку дена кажа дека е апсурдно да се користат проценти за еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата. Така што се надевам дека овој е моментот кога ќе ги направиме овие промени заедно со воведување на Бугарите во преамбулата и тераме понатаму со европската агенда која што нема друга алтернатива за нашата држава во која што живееме, вели Таравари.
Видеото со Таравари од Вашингтон може да го отворите ТУКА.