За потпретседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари усвојувањето на францускиот предлог е веќе завршена работа, но, како што вели, проблем остануваат уставните измени за вметнување на Бугарите, што АА може да ги услови со отстранувањето на дефиницијата 20% за Албанците.

„И лидерот на македонската опозиција неколкупати потенцираше дека не му пречи да се отстранат 20%, доколку има согласност и ние секако дека ќе одлучиме, не велам да биде како услов, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Согласно тоа ќе донесеме одлука, но мислам дека на секој начин ќе инсистираме да се отвори Уставот и да се отстранат тие 20 отсто“, вели Арбен Таравари.

Според Таравари, загрижувачки е фактот што нема консензус меѓу македонските партии, но сепак смета дека уставните измени ќе бидат направени наскоро.

„Има простор додека да стартуваат преговорите. Кога ќе има потреба за уставни измени, состојбата добро да се изменаџира од власта, од владејачките партии со цел да се постигне компромис и да се дојде до бројка од 81. Јас и понатаму мислам дека уставните измени ќе бидат направени“, посочи Арбен Таравари.