Во објектот на контролата на летање дошле неколку возила од кои излегле неколку лица и нападнале вработени во контролата на летање, а обезбедувањето не реагирало воопшто.

Ова го објави претседателот на Синдикатот на контролори на летање во државната М-НАВ, Александар Тасевски на својот Фејсбук профил додавајќи дека случајот е пријавен во полициска станица Петровец, а со истиот се запознати и министерот за транспорт и врски и министерот за внатрешни работи, напиша Тасевски.

– Бидејќи во моментов немам време секој медиум посебно да го известам, го користам мојот профил којшто знам дека голем број на медиуми во моментот го следат за да известам дека пред околу 30 минути во објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот на контрола на летање и предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање, мои колеги. Случајот е пријавен во полициска станица Петровец, запознати се и министерот транспорт и врски и министерот за Внатрешни работи.

Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија и е истечен договорот од пред извесно време а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект.

Овој акт на насилство не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата кога секој еден може од надвор да влезе во објектот и да нападне вработени кои во тој момент извршуваат работни обврски“, стои во Фејсбук статусот на Тасевски.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека работат на случајот.

– Денеска околу 15.15 часот во ПО Петровец лице вработено во МНАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.