Сакам да укажам на една наша хронична болка, што никако не успеваме да ја излекуваме. А тоа е – МАНУ и политиката. Бидејќи сум бил и во политиката како министер за здравство во македонската влада и сум член на највисоката научна институција – МАНУ, компетентен сум да искажам дијагноза за опасноста, што демне кога видни членови на МАНУ се загрижени за државните и за националните интереси.“ – вели академик Илија С.Филипче во својата колумна со наслов „МАНУ и политиката“, која ја објави весникот „Слободен печат“.
Покрај другото, во колумната академикот Филипче пишува: Преку обраќања до јавноста се нудат решенија за излез од разни политички, економски и здравствени кризи и даваат свои декларации, резолуции, меморандуми, разни рецепти и препораки за тоа што треба да прават политичарите, Владата, Собранието, претседателот на државата… во заштита на македонизмот. Притоа се прифаќа некаква популистичко-месијанска улога за спасување на Македонија од исчезнување и од асимилација на македонскиот народ со пророштва дека таа никогаш нема да стане членка на Европската Унија.
Секогаш кога ќе излеземе од нашата основна причина за постоењето на оваа значајна научна институција влегуваме во матни води, во кои не знаеме да пливаме. Така беше кога наши видни членови, убеден сум со најдобри намери, објавија идеја за размена на територии. И се соочивме со стравотна реакција, што доведе до оставка на претседателот на МАНУ. Прифаќањето на интервенцијата на политиката и на партиите во науката, затскривањето на партиските битки за власт зад научните авторитети го даваат трагичниот резултат – МАНУ да се препознае во јавноста како учесник во партиските пресметки со сеење дефетизам и безнадежност кај граѓаните.
Немаат никакви допирни точки со реалноста, а уште помалку некаква научна подлога ставот и сличните квалификации дека со склучување на меѓународните договори во Собранието на * Македонија е извршено велепредавство на државата и на нејзините национални интереси; оти тие договори треба да се поништат, бидејќи со нив ги губиме сите идентитетски посебности, национална припадност, македонскиот јазик, историското минато; дека ни претстои асимилација и бугаризација, културен геноцид. На тој начин влеговме во опасни води на манипулации и пропагандни војни.
Македонија и македонизмот не се бранат од академици со политички резолуции, со декларации и со колумни во медиумите. Тие се бранат со успеси и со резултати во нашите области содржани во името на оваа институција – со наука и уметност. Нашите достигнувања во овие области се најголемата одбрана на националните и на државни интереси. Тука треба да ги насочиме нашите сили и знаења. Колку што се опасни интервенциите на политиката во науката, многу поопасни може да бидат интервенциите на науката во политиката, ако пристапот не е научен и ако се од дневнополитичка и кариеристичка потреба. А уште пострашно е, ако се резултат на наивно верување дека навистина имаат месијанска улога да ја спасуваат Македонија од нас самите.
Ние не треба да бидеме ниту централни, ниту дежурни хигиеничари на партиските штабови во нивните меѓусебни битки. Затоа им препорачувам на моите колеги академици, ако се навистина убедени во своите идеи за склучување нови сојузи и за откажување од идејата за европеизација на Македонија, нека се зачленат во политички партии и нека се кандидираат за високи политички функции. Тоа не значи дека не треба да ги соопштуваат своите лични определби и мислења, ама нека не ја вовлекуваат МАНУ во дневна политика, а уште помалку да упатуваат апел до членовите на Собранието како да гласаат.
Веќе предлагаме нова национална стратегија за иднината на Македонија со нови определби. Нашиот придонес како врвна научна институција може да биде значаен, ако се вложиме и ние со научен пристап за да ги забрзаме тие процеси на европска интеграција и за побрза примена на европските вредности и стандарди, наместо да ги заплашуваме граѓаните со налудничави идеи за безнадежност, дека тоа нема никогаш да се оствари и притоа да нудиме нови сојузи, поништувајќи го тоа што досега сме го постигнале во односите со ЕУ.