Во Хрватска угина штрчицата Малена од една од најпознатите светски приказни за животот на штрковите, за што во повеќе наврати сме пишувале во Денешен.

-Единаесет дена не сакаше да јаде, се обидов да ја хранам, беше кај мене дома. Клепетан остана тука, но не сака во гнездото. Тој и натаму мисли дека таа е некаде, многу ми е тешко. Долго време имаше скршено крило. И ветеринар ја посетуваше во последните денови, но веднаш ми кажа дека и нема помош, потврдил за Индекс Стјепан Вокиќ кој ја чуваше Малена.

Тажниот Стјепан вели дека остануваат сега тој и Клепетан, па доколку се врати идната година ќе биде тука за него.

Љубовната приказна за штрковите Клепетан и Малена од Хрватска ја следи целиот свет веќе 19 години.

Пред 28 години пензионерот Стјепан ја нашол Малена со повредено крило, и го спасил животот и оттогаш тој се грижи за неа, а деновите ги поминуваат заедно во исчекување на новата пролет.

Во 2002 година, Малена ја пронајде својата љубов, Клепетан кој секоја година се враќаше повторно кај неа. Заедно имаат 66 штркови. Секоја есен Клепетан одлетуваше за Африка, додека Малена остануваше со Стјепан во селото да го чека. Човекот многупати изјавил дека таа трпеливо го чекала секоја година не дозволувајќи никој друг да влезе во нејзиното гнездо.

Пред две години Стјепан мислеше дека Клепетан угинал бидејќи многу доцнел со доаѓањето. Сепак, на крај се утврди дека е уште жив и се појави повторно кај својата сакана.

За нивната љубовна приказна која сега заврши е снимен и филм насловен како „Старецот и штркот“.