„…Македонија нема да добие одобрение од Бугарија за почеток на преговорите за членство во Европската Унија за време на Советот за општи работи на 22-ри јуни“, изјави во интервјуто за Бугарската национална телевизија, привремениот премиер на Бугарија, Стефан Јанев.
Тој изјави дека „не мисли дека Бугарија е во ситуација да отстапи или да направи компромис со својата позиција“.
Не само привремената влада, туку и парламентот – со утврдената рамка во 2019 година, дава јасни насоки за бугарската национална позиција, рече Јанев.
Бугарија нема да ја одобри рамката за преговори со Македонија во сегашната форма. Привремената влада не е во состојба да направи таков чекор напред во овој поглед, додаде Јанев.
Во врска со утрешната средба со Заев, тој истакна:
„Предложив да седнеме како соседи, да разговараме и да бараме решение. Ако сега можеме да подготвиме потенцијално решение, по изборот на парламентот решението може да се бара во наредните месеци“.
Позицијата на Бугарија ја потврди и бугарското МНР.
Условите за одржување на меѓувладина конференција со Република … Македонија не се исполнети, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.
Советот на министри ја одобри позицијата на Бугарија да учествува на состанокот на Советот за општи работи што ќе се одржи на 22 јуни во Луксембург.
Министерството за надворешни работи на БУгарија нагласува дека позицијата во однос на рамката за преговори за пристапување на Република … Македонија во Европската унија останува непроменета. Рамката за преговори треба да ги содржи потребните гаранции во врска со спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, кои во моментов не се исполнети. Затоа не се исполнети и условите за спроведување Меѓувладина конференција.
Бугарија останува отворена за дијалог и презема чекори за градење доверба и враќање на прагматичен и конструктивен дијалог, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.