Во ТИРЗ Скопје денеска ќе биде поставен камен темелник на фабриката на турската компанија „Шахтерм“. На почетокот на изградбата на објектот ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски.
Според потпишаниот договор меѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и „Шахтерм“, вредноста на инвестицијата е 100 милиони евра, предвидена е изградба на објект со површина од над 13.000 квадратни метри, како и отворање 1000 работни места. Инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе биде прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Турција.
Компанијата „Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.