Летонија ја продолжи вонредната состојба на границата со Белорусија, јави ДПА. Агенцијата забележува дека ова се случува во услови на наплив на мигранти во земјата. Многумина веруваат дека мигрантската криза е намерно предизвикана од властите во Минск, кои сакаат да се одмаздат за санкциите што им ги воведе Европската унија.
Владата ја продолжи вонредната состојба во Летонија до 10 февруари следната година. Како и досега, таа е во сила во четири окрузи на југот од земјата погодени од илегалната имиграција. На граничарите таму ќе им биде дозволено да ги вратат мигрантите кои илегално влегле во Летонија од Белорусија.
Вонредната состојба таму беше воведена на 11 август за период од три месеци. Оттогаш, речиси 1.800 мигранти се запрени додека се обидувале илегално да ја преминат границата, според Министерството за внатрешни работи. Владите на Летонија, Литванија и Полска го обвинуваат белорускиот претседател Александар Лукашенко дека намерно го организирал протокот на мигранти од земјите погодени од криза до надворешните граници на ЕУ.
Летонија одговори со засилување на граничната служба и со изградба на ѕид долг стотици километри долж границата. Спирали од бодликава жица сега се поставуваат во различни сектори на границата. Операцијата треба да заврши кон средината на следниот месец, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Исто така, не стивнува кризата со бегалците на границата меѓу Белорусија и Полска, а Европската Унија нема пристап до теренот и бара полските власти да и дадат дозвола, јави дописничката на МИА од Брисел.
Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, со денови бара одговор од полските власти за да ја посети белоруско-полската граница, која е и надворешна граница на Европската Унија.
Варшава прогласи вонредна состојба на границата и извештаите за тортура и убиства на бегалците редовно пристигнуваат до јавноста, но без можност за ЕУ да ги провери бидејќи нема пристап.
Портпаролот на Европската комисија, Адалберт Јанз, повтори дека ЕУ е посветена да ја поддржи Полска, но и дека е потребно присуство на ЕУ.
– Како што истакнавме, границите со Белорусија се граници на ЕУ и најдобар начин на управување е да се користат заедничките ресурси на ЕУ базирани на заедничките вредности на ЕУ, изјави Јанз.
Министерот за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер, пак, најави нови мерки на државата за спречување мигранти, кои илегално пристигнуваат од Полска.
Според властите во Берлин само во август се регистрирани 4.300 илегални преминувања, а најголем број од мигрантите биле од Сирија и од Ирак.
Портпарол на германското МВР, Стив Алтер изјави дека е понудана помош за Полска со дополнителен број граничари и логистика за сместување мигранти.
Германија и другите земји-членки на ЕУ ја поддржаа Полска за да ја заштити својата граница со Белорусија, а Берлин изрази загриженост и поради хуманитарната ситуација на границата, каде се наоѓаат голем број мигранти.
Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Шојгу предупреди дека НАТО ја зајакнува воената инфраструктура во непосредна близина на границите на Русија и Белорусија.
– Се модернизира неговата воена инфраструктура, се создаваат резерви на оружје, воена опрема и материјални средства и се практикува трансфер на војници, истакна Шојгу на заедничкиот колегиум на министерствата за одбрана на Русија и на Белорусија.
Тој додаде дека оклопна бригада на копнената војска на САД и четири мултинационални баталјонски тактички групи се префрлени во Полска и балтички земји.
– Во Романија, Полска и Летонија се формирани штабови на коалициски дивизии на Алијансата. Капацитетот на инфраструктурата во пристаништата и на аеродромите се зголемува, истакна рускиот министер за одбрана.
Според неговата проценка, силите за реагирање на НАТО се зголемија од 25.000 на 40.000 војници.
– Во Романија и Полска, Вашингтон распоредува противракетни системи „Иџис ашор“. Универзалноста на нивните лансирни системи овозможува заедно со противракетите да се користат и крстосувачки ракети „Томахавк“ и перспективно ударно оружје направено од Пентагон, констатира Шојгу.
Тој рече дека САД, со целосна поддршка од сојузниците во НАТО, започнаа активно да работат на модернизација на тактичко нуклеарно оружје и бази за нивно складирање во европските земји.