Случајот со Константинос Кацифас, кого минатата недела на југот од Албанија го уби албанската полиција, ги зголеми тензиите на релација Атина-Тирана, пишува српски Телеграф. Дополнителен проблем, како што пренесува РТС, може да биде неговиот погреб, посебно по најавата на 2 000 грчки десничари кои се подготвуваат да присуствуваат на последното испраќање.

„Ова е нова студена војна, налик на таа од почетокот на деведесетите години од минатиот век“, пишува Катимерини, наведувајќи серија обвинувања на сметка на албанскиот третман на малцинските заедници, вклучувајќи ја националистичката реторика, нетранспарентната истрага за смртта на Кацифас и крајно навредливите транспаренти кои во текот на викендот се појавија на фудбалските стадиони во Албанија.

Грчките десничари тврдат дека Кацифас е ладнокрвно убиен, иако албанската полиција повеќе пати наведе дека тој е убиен откако пукал на полициското возило, по што побегнал во блиската шума.

Верзијата на албанската полиција ја следи снимка на која се гледа како Кацифас пука од калашников.

Семејството на настраданиот Грк тврди дека Кацифас е убиен откако го фрлил оружјето и ги кренал рацете.

Неговото тело се уште се наоѓа во рацете на албанските истражни органи, но адвокатот на семејството изјавил дека телото ќе му биде предадено на семејството најдоцна утре.

Константинос Кацифас

Кацифас е убиен со два куршуми, но деталите кои досега и се познати на јавноста не ја даваат целосната слика за настанот.

Односите меѓу двете држави дополнително се влошија викендов кога на еден од стадионите во Албанија навивачите истакнале транспарент со натпис „Еден Грк помалку, едно ко..ле помалку“. Тоа предизвика вистински бран на реакции од Атина, па грчкиот пратеник во парламентот Вангелис Дулес, односите на Тирана кон етничките Грци ги опишал како „чиста омраза“.

Албанската фудбалска федерација го осуди транспарентот, наведувајќи дека „на расистичките пораки им нема место на фудбалските терени“.

Појавата на тој транспарент ја осуди и албанскиот претседател Илир Мета.

Делумно намалување на тензиите предизвика одлуката на албанските власти според која и грчки истражни органи ќе можат да учествуваат во истрагата за убиството на Кацифас.

Инцидентот со 35-годишниот Грк се случил додека албанското село Буларат, во кое живеат мнозинство Грци, ја одбележувало годишнината од влегувањето на Грција во Втората светска војна на 28 октомври 1940 година. Селото е на шест км од грчката граница, а Кацифас бил роден и израснал во Булафат.