Полицаец со службениот пиштол утрово застрелал мигрант кај касарната во Гевгелија, во турканица за оружјето со криумчарот.
Според информациите, еден од илегалните криумчари го нападнал полицискиот службеник и се обидел да му го одземе пиштолот. Потоа полицаецот испукал и го погодил мигрантот кој починал.
„Кај Касарна Гевгелија од страна на полициски службеници биле забележани патничко моторно возило „мерцедес“,управувано од К.Ј. (26) и патничко моторно возило „форд фокус“, управувано од С.Б. (51), двајцата од Скопје, во кои илегално се превезувале мигранти. Возилата биле запрени од страна на полициски службеници, по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат, а при тоа К.Ј. физички нападнал полициски службеник, обидувајќи се да му го одземе пиштолот, велат од МВР.
Притоа, полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите.
Мигрантот веднаш бил пренесен со полициско возило во објектот на Итна медицинска помош за укажување лекарска помош, каде починал. К.Ј. и С.Б. се приведени, а притоа осум лица мигранти се фатени, велат од МВР.
Известен е јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за расчистување на случајот. На лице место е извршен увид од ОЈО Гевгелија и по расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.