Најмалку 37 лица загинаа, а десетици се повредени во Перу откако автобус падна во бездна длабока околу 200 метри по судир со друго возило.
Несреќата се случила во раните утрински часови на „тешка“ делница од Панамериканскиот автопат, што ги поврзува Перу и Чиле, во јужниот регион Арекипа, јавува Би-Би-Си.
Според локалните медиуми, во автобусот имало 60 патници.
Возилото се судрило со пикап на кривина, потоа излетало од патот и паднало во бездната до брегот на реката Окоња.
Автобуските несреќи во Перу се честа појава, особено ноќе и по планински патишта. Причините за нив често пати се лошите услови на патот, прекумерна брзина и недостаток на сигнализација.
Автобусот со кој управувала компанијата „Љамосас“ патувал од градот Чале, во покраината Каравели, до Арекипа. Двајцата возачи наводно ја преживеале несреќата, која се случила на 780-тиот километар од јужниот крак на Панамериканскиот автопат.
Фотографиите од местото на несреќата го покажуваат автобусот целосно уништен на дното на стрмна клисура, со скршени прозорци, смачкани тела и урнат покрив.
Валдор Љерена, началник на округот Окоња, изјави за радио станицата RPP дека теренот во таа област е „многу тежок“ и дека областа има долга историја на смртоносни несреќи.
Полицијата објави дека нивните експерти ќе ја утврдат причината за несреќата.
Според Валтер Опорто, регионален началник на здравството во Арекипа, 36 лица загинале на местото на несреќата, а уште едно лице починало во болница. Опорто се повика на информациите од пожарникарите кои биле на теренот.
Здравствените служби му соопштија на RPP дека 25 лица, меѓу кои три малолетни лица, се лекуваат во локална болница. Истрагата е во тек, а возачот на пикапот е уапсен, објави државното обвинителство.
фото:Х




