Автобусот со македонски регистарски таблички што излета од автопатот кај Лесковац ноќеска во 01:45 часот, е на струшката компанија „Еуробус“. Тргнал синоќа во 19 часот од Битола и сообраќал на редовната линија за Виена.
Сопственикот на „Еуробус“ Џитан Истрефи за МИА изјави дека автобусот, произведен во 2006 година, редовно ги поминувал техничките прегледи.
– Испративме друг автобус и наши вработени на местото на несреќата за да ја видат состојбата и да се преземе се што е потребно. Нашите автобуси редовно се сервисираат, кај нас нема грешки, изјави Истрефи, не изнесувајќи други детали за несреќата.
Според досега објавените информации, во несреќата загинале две жени и еден маж, а се повредени 32 лица.
Како што јавија српските медиуми, во тек е идентификација на жртвите. Четири патници се со повреди опасни по живот, и префрлени се во Клиничкиот центар во Ниш додека останатите се задржани во болницата во Лесковац.
Возачот и совозачот не се повредени, но не смеат да даваат изјави за медиуми. Тројца од патниците со тешки повреди се на интензивна нега во одделот Хирургија болницата во Лесковац додека еден е на Ортопедија. Останатите патници, – 23, се со полесни повреди.
…………
Во првичната вест, додека не беше познат сопственикот на автобусот објавивме:
Автобус со македонски регистерски таблички излета утрото околу 1.45 часот од автопат во близина на Лесковац при што загинаа три лица.
Во сообраќајната несреќа што се случи на автопат во правец на Ниш повредени се 32 лица.
Во болница во Лесковац се префлени 28 луѓе додека четворица се во болницата во Ниш.
Според најави од Болницата во Лесковац, 14 од нив ќе бидат пуштени откако им била укажана лекарска помош. Со помош на локалната самоуправа тие ќе бидат згрижени во Лексовац додека не дојде автобус од Македонија.
Во реонот каде се случи сообраќајката има силно невреме проследено со силни врнежи од снег.
Крајна дестинација на автобусот што според едни извори тргнал од Прилеп, а според други од Штип требало да биде Виена.
Мирсад Малагиќ од Итната помош во Лесковац вели дека добиле информација за голем број на повредени и на местото на несреќата веднаш испратиле два тима.
– Откако ни беше јавено дека е потребна дополнителна помош, испративме уште три екипи, објаснува Малагиќ.
Од Ниш дошле уште пет лекарски екипи.
Пожарникарите ги ослободувале повредените патници кои биле заглавени во автобусот. Две жени биле извлечени од под автобусот и се меѓу најтешко повредените кои се транспортирани во Клиничкиот центар во Ниш.
Од македонските власти засега нема никаква информација околу овој настан.
Причините за несреќата сѐ уште се испитуваат, но според првичните резултати од истрагата најверојатно шоферот на автобусот заспал.