Министерството за внатрешни работи за Плусинфо информира дека веќе е извршено тестирање на опремата од системот „Сејф сити“ во поглед на брзото возење и поминувањето на црвено. Резултатите од тестирањето на опремата и на камерите се позитивни.
– Имплементацијата на надградбата на системот „Сејф сити“ е во почетна фаза. Во тек се пристигнување на целокупната опрема и подготовките за поставување на новите локации, велат од МВР за Плусинфо.
Оттаму додаваат дека временската рамка за имплементацијата за надградбата за системот „Сејф сити“ е класифицирана информација.
– Засега не можеме да информираме кога точно ќе биде пуштен во употреба новиот систем. Во поглед на прашањето која е цената на надградбата на системот „Сејф сити“ и која е фирмата која е ангажирана за нејзина имплементација, истото е класифицирана информација – додаваат од МВР.
Како што претходно информиравме, поминувањето на црвено, движењето со поголема брзина од дозволената, погрешното паркирање и сличните прекршоци ќе бидат регистрирани од новите камери на „Сејф сити“, а казните за сообраќајните прекршоци ќе пристигнуваат на домашните адреси на сопствениците на автомобили.
Според информациите на порталот, а тоа го потврдија и од МВР, сѐ уште не се донесени законските промени за да биде пуштен во функција системот. Со овие промени треба да биде овозможено фотографијата за сторениот прекршок од страна на возачот да се користи како доказен материјал за негово санкционирање.
– Во постапка се измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со цел да се уреди начинот на обезбедување и испраќање на доказниот материјал од сторителот на прекршокот – велат од МВР.
По стартувањето на новиот систем со новите камери, возачите ќе треба да бидат многу повнимателни, бидејќи ќе бидат казнувани за секое зголемување на брзината над дозволеното. Исто така, системот ќе ги регистрира и оние возила кои на раскрсница ќе минат кога на семафорот ќе биде вклучено црвено светло.
Покрај овие казни, од „Сејф сити“ ќе фрчат казни и за непрописно паркираните возила, кои го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот во градските средини.