Сквернавење, материјална штета и украдени 1.400 денари извршиле непознати сторители во црквата „Свети Димитрија“ на улица „Прохор Пчински“ во православните гробишта во Тетово, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Според неговите податоци, кражбата била извршена ноќта помеѓу сабота и недела изминатиот викенд.
– Непознатите сторители откако ги скршиле двата катинари од дрвената влезна врата насилно отвориле и две дрвени каси во внатрешноста од кои одзеле 200 и 800 денари како и уште 400 денари што биле оставени на друго место во црквата. Со тоа тие противправно се стекнале со вкупна имотна корист од 1.400 денари, рече Јосифовски.
Полицијата извршила увид и презема мерки и активности за откривање на сторителите.
Ова е втора кражба во истата црква на тетовските православни гробишта за нешто помалку од четири месеци откако во мај годинава исто така непознати сторители оделе околу 2.000 денари од нејзината внатрешност.