Македонија ќе исчезне со тоа што ќе биде поделена меѓу три држави, тврди професорот на Државниот универзитет во Тетово Гуракуќ Куќи.

Тој е доктор по меѓународни односи и професор на студиите за политички науки на Правниот факултет на ДУТ. Куќи објави колумна со наслов „Опција на ‘мирот’, или ‘надгробна плоча на гробот’ на Западниот Балкан “, во косовскиот весник на албански јазик Бота сот.

Пренесуваме делови од „експертизата“ на Куќи за состојбата на Балканот и поодделно за западниот дел на овој регион. Тој го исцртува контекстот и начинот, во кој „се шири руското влијание“: „Зачувувањето и идеолошкото и геополитичкото проширување на Русија децидно ја користи цивилизацијата во смисла на православието како религија преку Глобалната православна црква, каде што ја создадоа основата на дејствување, што официјално се нарекува ‘Руска доктрина’.

„Денес Србија и Русија го продолжуваат трендот на империјализам на Балканот со конзервативни националистички методи преку православната црква.“

Натаму професорот од Тетово пишува за „можностите за мирот и стабилноста, или за смртта на Балканот“: „Реалполитиката на земјите од регионот со Србија и против Косово е надгробната плоча на гробот на Балканскиот регион. Косово е стабилноста на Западниот Балкан и уништувањето на овој поредок минува низ Косово“.

Професорот од Тетово кој продуцира правници и идни кадри за Македонија ја опишува и „тажната иднина“ на Македонија: „С. Македонија ќе исчезне со тоа што ќе биде поделена меѓу три држави.“

И на крајот кадарот од Тетово кој продуцира идни правни кадри за македонската држава заплашува:

„Посакувам С. Македонија да разбере повеќе работи од последниот националистичко-шовинистички антиалбански инцидент“.